Бразилецот Филипе Кутињо беше официјално претставен како најново засилување на Барселона, но ќе мора да почека за дебито затоа што е повреден.
Поранешниот фудбалер на Ливерпул во сабота стана рекордно засилување на каталонскиот клуб во трансферот вреден 160 милиони евра. Бразилецот има повреда на десниот бутен мускул и ќе отсуствува од терените три седмици што беше потврдено по лекарските прегледи во Барселона.
„Не беше работата за пари, туку можноста да играм за Барселона, да живеам тука. Дадов сè што имав во Ливерпул, секогаш бев 100% посветен. Го сакам тој клуб, но време е за нова авантура. Имам многу убави спомени и бројни се луѓето на кои треба да им се заблагодарам. Напредував како играч на ’Енфилд’“, изјави Кутињо и додаде:
„Клубот е во добра позиција. Клоп има на располагање многу добри фудбалери. Ќе се радувам да ги гледам да освојуваат трофеи и ќе славам со нив. Доаѓањето на Ван Дајк е многу важно. Мо Салах е одличен фудбалер. Не би заминал да беше во прашање кој било друг клуб, но Барселона е нешто посебно“, изјави Кутињо.
Дебито на Кутињо може да се очекува во градското дерби против Еспањол на 4-ти февруари.