Најдобриот спринтер на сите времиња е сериозен во намерата да стане професионален фудбалер.

Јусаин Болт тркачката кариера ја заврши со повреда во финалната трка на Светското првенство во Лондон минатата година, а сега му се врти на фудбалот.

„Повредата е зад мене и целосно сум подготвен. Во март одам на проба во Дортмунд, по што ќе видам што ќе биде со мојата кариера. Ако кажат дека сум добар и дека ми треба само малку тренинг, ќе продолжам со фудбалот“, изјави Болт и додаде:

„Малку сум нервозен затоа што ова е малку различно од атлетиката. Морам да се навикнам на некои работи, но не се сомневам дека по неколку натпревари сè ќе биде како што треба“.

Болт е голем навивач на Манчестер јунајтед, а легендарниот атлетичар не крие дека најголема желба во животот му е да заигра за клубот од „Олд Трафорд“.

„Најголем сон ми е Манчестер јунајтед. Ако во Дортмунд ми кажат дека сум добар, ќе тренирам уште посилно“.

Голем пријател на Болт е фудбалерот на „ѓаволите“ Пол Погба.

„Многу гледам фудбал и го разбирам. На тренинзите можам да бидам многу добар. Често зборувам со Погба, имам дота прашања за него.

Не сакам да бидам просечен, освојувањето на Лигата на шампионите би било на нивото на тоа што го постигнав во атлетиката“, заврши амбициозниот Болт.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/01/2018 00:03