Аргентинскиот напаѓач Карлос Тевес по враќањето во клуб од кој потекнува изјави дека му е желба со Бока јуниорс да го освои Копа Либертадорес.
„Сакам да уживам следните две години во Бока. Сакам да го освојам Копа Либертадорес. Ќе дадам сè од себе да го остварам сонот и Бока да ја освои седмата титула во континенталното натпреварување“, изјави Тевес.
Аргентинецот се врати во Бока со која потпиша двегодишен договор. Ова е трет пат да го носи дресот на славниот клуб по периодот од 2001 до 2004 и од 2015 до 2016 година.
За селекцијата на Аргентина не играше од октомври 2015 година, но се надева дека игрите за Бока јуниорс ќе му бидат отскочна штица кон Мундијалот.
„Не ми останаа уште многу години во фудбалот, а да играм сега на Светското првенство би било навистина убаво“, изјави триесет и тригодишниот фудбалер.
Тевес го раскина договорот со кинескиот клуб Шангај Шенхуа за кој одигра само 20 натпревари и постигна четири голови.
„Кога ја донесов одлуката да заминам во Кина бев свесен за последиците“, заврши Тевес.