Тренерот на Реал Мадрид Зинедин Зидан смета дека достигнувањата за време на играчката кариера не му даваат никаква протекција како тренер.

„Зинедин Зидан како играч на Реал веќе не постои. Сега е ред на Зидан, тренерот, да направи кариера. Немам никакви кредити поради моите достигнувања како играч“, изјави Зидан.

Легендарниот Французин истакна дека нема уште долго да остане во клубот.

„Знам дека еден ден ќе дојде крај на мојот тренерски ангажман во Реал и се обидувам да го искористам времето најдобро што можам. Знам дека нема да останам во Реал уште десет години“, додаде тренерот на „кралевите“.

Зидан, кој ја освои Лигата на шампионите и првенството на Шпанија како фудбалер и како тренер на Реал Мадрид смета дека е најважно да се игнорира притисокот од надвор:

„Притисокот од надвор не делува на мене. Имам штит околу себе, не може ништо да ме помести. Имам многу одговорности како тренер на Реал Мадрид, но кога ќе дојдам дома целосно се исклучувам од мојата работа. Знам дека многумина не можат да престанат да мислат на работата, но јас можам“, заврши францускиот стручњак.

Реал по 17 одиграни кола има големи 16 бодови заостанување зад водечката Барселона и се чини дека шпанското првенство е веќе завршено за „кралевите“.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/01/2018 01:08