Чилеанскиот фудбалер Алексис Санчес вчера официјално од Арсенал направи трансфер во Манчестер јунајтед. Договорот е потпишан на четири и пол години.

Санчес летоска беше на прагот да отиде во Манчестер сити, но не дојде до трансфер, а тој клуб претходно овој месец одлучи да не се обидува одново.

Алексис Санчес, новиот фудбалер на Манчестер јунајтед, вчера изјави дека е воодушевен бидејќи направил трансфер во најголемиот клуб на светот.

„Воодушевен сум што му се придружив на најголемиот клуб на светот. Шансата да играм на овој историски стадион и да работам со Жозе Мурињо е нешто што не можев да го одбијам“, изјави Санчес за интернет-страницата на Јунајтед.

„Многу сум горд што ќе бидам првиот фудбалер од Чиле кој ќе игра за првиот тим на Јунајтед и се надевам дека ќе им покажам на нашите навивачи ширум светот зошто овој клуб сакаше да ме доведе“, додаде Чилеанецот.

Алексис Санчес му се заблагодари на неговиот досегашен клуб Арсенал за прекрасните три и пол години и за тоа што ќе му останат убави сеќавања.

Јунајтед во замена за Санчес во Арсенал го испрати Хенрих Мхитарјан, фудбалерот за врска од Ерменија.

Мхитарјан во јули 2016 година од Борусија Дортмунд направи трансфер во Јунајтед за повеќе од 30 милиони евра.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/01/2018 14:41