Фудбалерите на Атлетико Мадрид не успеаја да се пласираат во полуфиналето на Кралскиот куп бидејќи по втор пат изгубија од Севилја – 3-1.
По поразот на „Ванда Метрополитано“ со 2-1, Севилја пред домашните навивачи убедливо славеше со вкупен резултат од 5-2 и се пласира во полуфиналето.
Андалузијците поведоа уште во 25-тата секунда со голот на Ескудеро, и тоа по одличната акција.
Но, гостите во 13-тата минута изедначија. Гамеиро му асистираше на Антоан Гриезман за еден од најубавите погодоци оваа сезона.
Во второто полувреме домаќините повторно имаа предност. Во 47-мата минута Евер Банега беше прецизен од пенал за 2-1, а точка на овој натпревар стави Сарабија за недостижни 3-1.
Севилја во полуфиналето го чека Реал Мадрид или Валенсија, кои во првите натпревари ги совладаа Леганес и Алавес, додека Барселона денес ќе го дочека Еспањол, кој во првиот натпревар славеше со 1-0.