Делчевска Брегалница доби техничка поддршка од своите пријатели од ФК „Осогово”. На барање на управата на делчевци, а поради реконструкција на трибинскиот простор на стадионот во Кочани, идниот второлигаш реши да ги донира своите стари трибински столчиња на клубот од Делчево.

-Поради менување на трибинските столчиња на стадионот ,,Никола Мантов” во Кочани, баравме начин кому да ги доделиме старите столчиња, па откако управата на Брегалница испрати барање до нашиот клуб, со задоволство ги дониравме. Малку работата се одолжи поради изборите, поточно периодот во кој не можеше да се реализира оваа помош, но еве денес тие пристигнаа на градскиот стадион ,,Гоце Делчев” во Делчево.

Со оваа донација, делчевци подготвено ќе го дочекааат пријателскиот натпревар кој на 8 јуни ќе го одиграат со фудбалски тим од Германија.

– Во сабота на 8 јуни, на иницијатива на нашиот сограѓанин Орце Алексов кој игра во тимот на TUS Glan-Münchweiler во Делчево ќе се одигра пријателска средба помеѓу фудбалерите од двете екипи. Ова ќе биде прва средба која делчевскиот третолигаш ја игра со екипа од Германија, што веруваме дека ќе биде одлична прилика за љубителите на фудбалот да гледаат интересен Меѓународен натпревар, велат од управата на ,,Брегалница Делчево”.

Од клубот се заблагодарија на гестот на кочанчани, со кои како што велат соработката отсекогаш била на врвно ниво.



Автор: Администратор
Објавено на: 28/05/2019 20:00