Гоце Седлоски си поднесе оставка од тренерската позиција во Широки Брег. Тимот синоќа на свој терен доживеа пораз со 1-0 од Челик од првото коло на Премиер лигата во БиХ и се чини тоа беше последната капка која ја прелеа чашата, откако Широки во првото претквалификациско коло на ЛЕ беше елиминиран од Каират Алматија.

Во писмото на Седлоски до навивачите се вели:

„Сакам од срце да ви се заблагодарам за оваа прекрасна година која беше исполнета со возбудувања, радост, тага и напорна работа.

Кога дојдов ме пречекаа срдечни луѓе и соработка на високо ниво. Јас и мојот помошник бев прифатени како да работиме долго време во клубот. Тоа можевме да го почувствуваме на секој чекор во градот.

Одлучив да ја напуштам оваа позиција по дуелот со Каират, бидејќи наскоро почнува првенството и на клубот му треба време да го најде мојот наследник. Ќе направам пауза од тренерска работа и ќе се посветам на друга улога во фудбалот. Засекогаш ќе ја паметам оваа убава година“.

Се шпекулира дека Седлоски се враќа во Вардар каде што ќе ја преземе функцијата спортски директор. Се очекува тој да му се приклучи на тимот во Словенија каде Вардар се подготвува за новата сезона.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/07/2019 14:44