Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар денеска на вонредна прес – конференција во Скопје објави дека и натаму се соочува со големи финансиски проблеми од кои потенцијален излез гледа во можна странска инвестиција за чија реализација побара помош од државните институции.
-Странски инвеститор е заинтересиран да вложи 18 милиони евра. Станува збор за инвестиција која сè уште е во преговори, изјави на средба со новинарите Милорад Миленковски, еден од водачите на навивачката група „Комити“ во чија сопственост од неодамна е Вардар.
Миленковски рече со реализација на евентуалната странска инвестиција прво би се покрил основниот долг на ФК Вардар, но за колкав точен износ станува збор „Комити“ сè уште немаат добиено известување од надлежните институции.
-Со реализација на инвестицијата првично би се покрил долг којшто ги има ФК Вардар, околу три милиони евра, за што и ги повикавме институциите да ни помогнат околу ова прашање, да ни дадат точен одговор колкав е долгот на клубот. Бидејќи, доколку ние сме тие коишто сме предводници на еден ваков проект кој подразбира странска инвестиција во Македонија, би требало државата да ни пружи ресурси и институционална помош, како што тоа би требало тоа да го прави со сите други инвеститори, домашни или странски, кои се подготвени да инвестираат во нашата земја, рече Миленковски.
Вардар по двегодишна пауза оваа сезона се врати во Првата македонска фудбалска лига, но по воведните седум натпревари е на последното место со четири бодови